Ловќен го победи МЗТ Скопје со 73:69 во неизвесен меч што за скопјани е трет пораз сезонава во АБА 2 лигата. Гостите прокоцкаа предност од шест поени разлика во последниот период, а кобна за МЗТ беше последната минута.
Постигнаа само еден поен и примија дури шест во последните 60 секунди и си заминуваат со пораз.
Ловќен подобро го почна мечот и водеше со 27:20 по првата четвртина, но следуваше пресврт. Скопјани ги добија следните две четвртини и во завршницата тргнаа со предност од 54:52. Успеаја дури и да поведат со шест поени предност, но финишот им беше лош.
Дамјан Стојановски беше прв стрелец кај МЗТ со 20 поени, а сега аеродромци имаат биланс од 8-3 во АБА 2 лигата. Хајндс и Харис постигнаа по 12 поени.
Кај Ловќен и на мечот најефикасен беше Ѓукановиќ со 23 поени.