Конечно дојде денот кога ќе се одигра првото овосезонско Ел Класико. Барселона го пречекува Реал Мадрид на „Камп ноу“ во меч кој треба да ги оправда сите очекувања дека ќе биде возбудлив како и секогаш. Ова дерби ќе биде прво за Зинедин Зидан откако се врати на клупата на Кралевите, а за разлика од минатите дуели против шпанскиот првак, Французинот ќе мора да скрои нов план како да се спречат Меси и дружината од блесок во каталонската престолнина.
Еден од рецептите кои Зидан ги користеше за да го ограничи капитенот на Барселона, беше потегот да го стави Ковачиќ во улога на фластер на Меси, а Хрватот во неколку наврати одлично си ја изврши задачата. Сега Ковачиќ ги брани боите на Челзи, го нема веќе меѓу Кралевите, па затоа Зидан во изминативе неколку дена напорно работеше на овој сегмент.
„Се покажа како добар потег одлуката Меси да биде чуван од Ковачиќ, тој беше вистинскиот човек за таа улога. Но, денес е друго време, нов натпревар и сосема различна приказна, мечот ќе покаже дали нашата стратегија е успешна или не“, истакна Зидан.
Мегадербито на „Камп ноу“ е закажано за 20 часот.