Македонската ракометна репрезентација со победа ги стартуваше квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година. Во салата „Боро Чурлевски“ нашите најдобри ракометари ја победија Турција со 31:27. Иако се очекуваше полесно да се стигне до триумф, гостите покажаа дека знаат да играат квалитетен ракомет и дадоа достоен отпор.
Македонија поведе со 2:0 и до крајот на средбата не дозволи да биде во негатива. Турција се држеше во првите 15 минути, кога беше 8:7 за Македонија. Во следните 10 минути нашите ракометари со серија од 6:2 стигнаа до првата посериозна предност од 15:9 во 25-тата минута. До крајот на полувремето, гостите намалија на 17:13, што беше резултат по првите 30 минути.
Фуриозни беа првите пет минути во вториот дел. Македонија поведе со 21:14 и беше јасно дека победата ќе остане за домаќините во Битола. Сепак, Туриците не се предадоа и успеаа да намалат на три разлика (26:23) на 10 минути до крај. Тогаш погоди капитенот Лазаров, а до крајот Македонија рутинирано ја заврши работата за победа од 31:27.
Кирил Лазаров со 8 гола (3 од пенал) беше најефикасен во македонскиот состав, додека Манасков погоди 6 пати, а по 4 гола постигнаа Стоилов, Талески и Георгиевски.
Следен противник на Македонија е Грција, против која играме в недела на гостински терен.