Божиќната програма на Премиер лигата е немилосрдна за некои екипи. Се игра ден за ден, но проблемот со кој се соочува Вулверхемптон не е забележан во претходниве години. Волците имаат најмалку време за одмор од останатите клубови, во двете наредни кола ќе се соочат со актуелниот првак Манчестер сити, а потоа со лидерот Ливерпул.
Дуелите им се закажани во период од 45 часа – на 27 декември (20:45 часот) против Граѓаните, а веќе на 29 декември (17:30 часот) следува дуелот со Црвените на Јирген Клоп.
Португалскиот стратег Нуно Еспирито Санто е бесен на распоредот, но вели дека неговиот тим ќе биде подготвен за двата големи предизвика.
„Од сите екипи ние имаме најмалку време за одмор меѓу натпреварите – 45 часа меѓу два меча, односно 112 часа меѓу три дуели до Новата година. Знам дека ќе биде тешко и верувам дека не сум единствен тренер кој се грижи за овој проблем. Се чувстувам како да сме казнети, но ќе преживееме. Мора да го пребродиме овој период“, истакна Еспирито Санто.
Вулверхемптон по 18 кола се наоѓа на респектабилната шеста позиција со 27 бода, заостанува со еден бод зад Шефилд, кој е на петтото место.