Европската фудбалска федерација (УЕФА) и Здружението на европски клубови (ЕКА) се блиску до договор за промена на форматот во Лигата на шампиони. Според угледниот весник „Тајмс“, по одигрување на првата групна фаза и шестте меча, ќе се формираат нови групи во кои ќе има дополнителни шест натпревари.
Ако се воведе втора групна фаза во ЛШ, тоа значи дека форматот ќе биде нешто сличен како тој до 2003 година. Тогаш во втората групна фаза имаше по четири екипи, а подоцна тоа беше укинато и се воведе нокаут фазата со осминафинале.
Според актуелниот систем на натпреварување, за да се стигне до финалето, потребно е да се одиграат 13 меча, а со новиот формат бројот на мечеви ќе биде зголемен на 17. Ќе има по шест меча во двете групни фази, потоа две четвртфинални средби, две полуфинални дуели и на крајот е финалето.
Најголемито проблем за воведување на овој систем е пренатрупениот календар. Големите клубови и сега се жалат за темпото на настапи и немањето време за одмор, а вака треба да им се најде простор за уште четири средби.
Со новиот формат, првата групна фаза би ја поминувале и оние клубови кои ќе завршат на третото место, додека четвртопласираните ќе продолжат во Лигата на Европа. Крајниот план во целата трансформација на Лигата на шампиони треба да биде затворен круг на екипи кои без испаѓање, секоја година би се бореле за најзначајниот континентален клупски трофеј.