Светската фудбалска федерација најави дека ќе предложи да се ограничи бројот на фудбалери кои ќе може да одат на позајмица. Според актуелниот закон, клубовите немаат лимитирано колку фудбалери може да дадат на позајмица, па клубови како што се Манчестер сити и Челзи, веќе имаат преку 20 играчи кои ги имаат дадено да играат во други екипи.
Ако се донесе законот за лимитирање на бројот на позајмени играчи, Сити и Челзи ќе треба да вратат голем дел од играчите на позајмица. Планот е ограничувањето да важи за играчи постари од 22 години. Од наредната сезона ќе може да има најмногу по осум такви играчи на позајмица, додека од сезоната 2022/23 бројот на позајмени играчи нема да смее да изнесува повеќе од шест.
Челзи минатата сезона беше рекордер со неверијатни 42 играчи дадени на позајмица, а најголемиот дел од тие фудбалери беа постари од 22 години. Сити имаше позајмено играчи во 11 различни земји во Европа.