Работнички има лоша петка со Академците од Струмица

Работнички ќе се обиде да го искористи моментот и подобрата форма во однос на ривалот Академија Пандев за да ја прекине серијата од пет меча без победа против струмичани.

Романтичарите денеска ќе им бидат домаќини на Академците од 13 часот во премиерниот меч од 22. коло во домашната лига. Мечот ќе се игра на арената „Тодор Проески“ во Скопје без публика, според препораките на македонската влада.

Домаќинот има четири порази и едно реми на последните пет меѓусебни дуели со струмичани, но игра многу подобро на почетокот од пролетниот дел од денешниот ривал.

Ратко Достаниќ за кус период како кормилар на дебармаалци успеа да го стабилизира клубот, кој со него не клупата нема пораз на четири меча по ред.

Нов тренер има и Академија Пандев, а денеска на клупата ќе дебитира Александар Таневски, кој беше кормилар на Македонија Ѓ.П. во првиот дел од сезоната.

Прва задача ќе му биде да се победи за првпат во пролетниот дел од сезоната, по трите стартни порази во првенството и ремито во купот со Шкупи, што им донесе радост и полуфинале на струмичани.

Утре се играат останатите четири меча од 22. коло.

Двојки: Работнички – Академија Пандев, Ренова – Вардар, Борец – Шкендија, Силекс – Македонија Ѓ.П., Струга – Шкупи.

Табела: Вардар 43, Шкендија 35, Силекс 32, Македонија Ѓ.П. 29, Академија Пандев 28, Шкупи, Струга и Ренова по 25, Работнички 22, Борец 21. 

 

- Оглас -

Најнови вести