Првиот човек на Сампдорија, Масимо Фереро, изјави дека за него сезоната во Серија А треба да заврши тука, иако сите други бараат решение како и кога да продолжи сезоната. Италијанското првенство е прекинато веќе две недели и не се знае кога ќе продолжи. Ако се прашува претседателот на Сампдорија, веќе не треба да се игра.
Според филмскиот режисер Фереро, сезонава треба да биде анулирана и следната 2020/21 да се игра со 22 тима, што значи никој да не испадне (Лече, СПАЛ и Бреша се на последните три позиции).
„Сезонава за мене е завршена. Беневенто во Серија Б има 69 бода и не може да не влезе во прва лига. Кој би го освоил Скудетото? Знам дека другар ми Лотито ќе сака да ме убие за ова, но таков е животот, сезоната треба да заврши и секој тим да си заврши на местото на кое е сега. Како да играме до август? Кога ќе бидат подготовките за следната сезона? Треба да зборуваме за следната, оваа сезона е готова“, рече Фереро.
Според италијанските медиуми, клубовите се поделени. Едната група ја предводи претседателот на Лацио, Клаудио Лотито, кои инсистираат на доигрување. Другата група се залага за поништување на сезоната и следната да почне во август, со 22 тима, два повеќе од сегашниот број тимови во Серија А.