Повеќе од две недели фудбалската топка речиси низ целиот свет мирува, а причина за тоа е пандемијата од Коронавирусот. Со секој нареден ден и секој одложен меч, клубовите губат многу пари, па седумкратниот првак во Словачка, Жилина, поднесе барање за банкрот, додека во Уругвајската фудбалска федерација беа отпуштени 400 вработени. Голем број клубови се принудени да ги намалуваат платите на фудбалерите и на останатите вработени, па во една ваква критична ситуација мораше да реагира и ФИФА.
„ФИФА е во цврста финансиска положба и наша должност е да направиме сè што е во наша моќ да им помогнеме на клубовите во овој момент. Во ФИФА се работи на разни опции за да се даде помош на фудбалска заедница, но и да се направи проценка колкави може да бидат загубите во фудбалот поради пандемијата“, стои во соопштението на ФИФА.
Според последниот извештај, ФИФА има финансиски резерви од 2,46 милијарди евра и се размислува за користење на поголем дел од тие резерви за помош на клубовите кои се најпогодени. ФИФА има дури 211 фудбалски федерации.
„Сега сме ставени пред егзистенцијална опасност. Фудбалот е во застој, немаме приходи, а мора да се плаќаат фудбалерите и останатите вработени во клубовите. Никој не е имун, а ова е најголем предизвик со кој некогаш сме се соочиле“, вели претседателот на Европската федерација на клубовите, Андреа Ањели.