ФИФА го одобри планот привремено да се продолжат договорите на фудбалерите кои по јуни треба да бидат слободни играчи, а исто така поместен е почетокот на летниот преоден рок. Во зависност од тоа кога првенствата ќе продолжат и до кој период ќе се играат, дотогаш ќе важат и принудно продолжените договори на играчите, а по завршувањето на сезоната, ќе се отвори и трансфер-прозорецот.
Како што е веќе познато, пандемијата со Коронавирусот ги прекина фудбалските првенства ширум светот и речиси е сигурно дека тие нема да се доиграат пред 30 јуни, па затоа играчите кои требаше да останат без клуб по тој датум ќе може да останат во клубовите каде што се сега и дури по крајот на сезоната да бараат нови средини.
Тоа важи и за сите претходно договорени трансфери на фудбалери кои од 1 јули треба да ја задолжат опремата на новите клубови, како на пример, Хаким Зијех од Ајакс во Челзи. Играчите ќе останат во клубовите каде што се додека не се заврши сезоната, а дури потоа ќе може да си ја остварат договорената преселба.