Култниот меч Црвена ѕвезда – Баерн Минхен од полуфиналето на КЕШ во 1991 година се одигра на 24 април, пред 29 години, пред 80.000 гледачи во Белград, а драматичната завршница и среќниот гол со кој белградските „црвено-бели“ се пласираа во финалето и битката за европската титула се незаборавни.
Ѕвезда победи на гости со 2-1, едниот гол го даде Дарко Панчев, а македонската „кобра“ придонесе и за лудиот гол во финишот, кога го збуни голманот Ауман по онаа „свеќа“ која паѓаше во голот. Панчев се присетува дека им се лутел на соиграчите кои ги понела атмосферата и биле себични. По првото полувреме Ѕвезда водеше со 1-0, но казната за неискористените шанси дојде и Баерн поведе со 2-1, пред Ѕвезда на крајот да даде неверојатен гол вреден финале.
„На полувремето малку и се карав со некои соиграчи. Водиме со 1-0, а имавме уште две-три супер шанси преку Биниќ и Савичевиќ, но тие наместо да ни додадат, сами сакаа да дадат гол. Им реков: Момци, досега функциониравме како тим, не е важно кој ќе даде гол. Бевме понесени од атмосферата, секој сакаше да се истакне, а тоа не беше добро. Веднаш се растури системот на организација кој го имавме. По завршувањето на мечот, беше лудница на теренот и надвор од него, не знаевме каде сме“, раскажа Панчев во едно интервју.
По автоголот на Аугенталер во 90-та минута за 2-2, Ѕвезда дојде до резултат кој ја однесе во финалето на Купот на европските шампиони, а коментаторот Милојко Пантиќ од радост извикна „Небото се отвори, стадионот експлодираше“:
https://www.youtube.com/watch?v=ru6ssrSIp0M