Легендарниот македонски голгетер, Дарко Панчев, кој беше „Златна копачка“ на Европа во 1991 година, вели дека фудбалот е многу сменет во последните 20-30 години, и смета оти во негово време многу им било потешко на напаѓачите, отколку сега, бидејќи не биле доволно заштитени.
„Секој што следи фудбал во последните 20-30 години, ќе ја препознае разликата. Во мое време, па и подоцна, некаде до 2005 година, играчите не беа заштитени, примавме многу удари. Во денешно време, да се игра напред е големо задоволство, бидејќи одбраните се променија. Дуелите се послаби, нема толку грубост, па полесно е да се даваат голови. Со карактеристиките кои ги имав, сега би ми било подобро да играв“ – смета македонската „кобра“, кој пред 30-тина години ги тероризираше противничките одбрани.
Панчев додава дека Кристијано Роналдо и Лионел Меси се различни типови на играчи, и тешко е да се споредат.
„Роналдо е подобар стрелец, а Меси е покреативен, со повеќе асистенции и чувство за игра. Тешко е да се споредат, различни се“ – додава Панчев во интервјуто за француски „Гол“.
Панчев смета дека направил погрешен избор што од Црвена ѕвезда заминал во Интер, бидејќи атмосферата била лоша и екипата играла многу дефанзивно, плус тоа странците не биле толку сакани, и се форсирале италијанските играчи. Имал понуди од Реал Мадрид, Барселона и Манчестер јунајтед, но згрешил во изборот, а повредата која се случила во втората сезона на Панчев во Интер, била дополнителен проблем.