Актуелниот кошаркарски првак на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром, утре ќе ја дознае одлуката дали ќе се израдува на нов пехар или залудно беше лидер во шампионатот кој ќе биде прогласен за прекинат. Според денешните најави од КФСМ, клубовите во јавно гласање сами ќе решат за тоа каква ќе биде иднината на прекинатото првенство.
МЗТ Скопје да биде прогласен за шампион во прекинатата кошаркарска сезона и да испаднат двата најслабопласирани клубови од Првата лига или да нема ниту првак, ниту испаѓање се двете опции што КФСМ им ги понуди на клубовите на гласање.
Прв кој се изјасни по ова прашање, без да се чека терминот до утре во 11:30 часот, беше вечниот ривал на МЗТ Скопје Аеродром, екипата на Работнички. Тимот од Градскиот парк преку својот фејсбук-профил порача дека шампион треба да се стане на кошаркарски терен, а не со канцелариска одлука.