Не е сеедно без него или со него на теренот, иако многумина го оспоруваат квалитетот на Маруан Фелаини. Белгиецот влезе во игра во 79-тата минута за Манчестер јунајтед на дербито со Јувентус и заедно со Хуан Мата се творци на неочекуваниот пресврт и победата во Торино.
Мата постигна прекрасен гол од слободен удар во 86-тата минута за израмнување на 1-1, а Фелаини навлече дури тројца играчи на Јувентус при автоголот на Леонардо Бонучи во 90-тата минута за комплетен пресврт и победа од 2-1 на англискиот состав.
И педантните статистичари покрај овој пример за позитивното влијание на Фелаини, особено кога влегува како резерва, наведуваат уште два интересни примери.
На Мундијалот во Русија, Белгија беше пред елиминација во осминафиналето и заостануваше со 0-2 против Јапонија сè до влегувањето во игра на Маруан.
Играчот на Јунајтед го замени Дрис Мертенс во 65-тата минута, а Белгијците потоа, за околу половина час, направија пресврт, победија со 3-2 и се пласираа во четврт-финалето на СП.
Слично сценарио со влегувањето на Фелаини во игра, како резерва, се случи и пред еден месец во Премиер лигата.
Жозе Мурињо немаше решение за разиграниот Њукасл, екипата која имаше предност од 2-0 на „Олд Трафорд“, па како магионичар го извади од ракав Фелаини.
Белгиецот влезе во игра во 46-тата минута и помогна да се приреди подвиг од 0-2 до победа од 3-2 само за едно полувреме.