Ништо од бизнисот – Саудијците се откажаа од купување на Њукасл (Видео)

Мохамед бин Салман и неговата корпорација што сакаше да го купи Њукасл за 300 милиони фунти и дефинитивно се откажа, што е разочарувачки за грото навивачи на Чавките, но и голема победа за групите што се борат за човековите права предводени од Хелсиншкиот комитет.

Со соопштение богатите инвеститори од Саудиска Арабија објавија дека и дефинитивно се откажуваат бидејќи процесот на купопродажба на англискиот прволигаш станал предолг, а и дека сега е веќе и ризично да се вложува поради пандемијата со ковид-19.

Бин Салман му понуди на Мајк Ешли 300 милиони фунти за да го купи клубот, што беше прифатено од сè уште актуелниот сопственик.

Но, потоа почнаа проблемите што ја урнаа понудата на принцот од Саудиска Арабија. Први протестираа Катарците, предводени од сопственикот на ПСЖ, Ал Келаифи, преку неговата ТВ Беин спортс. Тие обвинија дека Саудиска Арабија како земја дозволува пиратерија, односно не плаќа за ТВ-преносите кои одат илегално во оваа земја.

Потоа реагираше и Хатиџе Џенгиз, вереницата на убиениот новинар Џамал Хашоги. Џенгиз се обрати посебно до навивачите на Њукасл да сторат сè за принцот да не успее да ја заврши веќе најавената купопродажба на англискиот прволигаш.

Токму Бин Салман е осомничен дека вмешал прсти во убиството на Хашоги во 2018 година. Познатиот новинар беше мачен и убиен во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.

Се приклучи и „Амнести интренешнл“, па отпорот стана силен и ги вклучи сите аларми во Англија. Од сигурна работа, процесот се одолговлечи, иако голем дел од навивачите на Њукасл и покрај предупредувањата и протестите против Бин Салман, беа за тој да го купи клубот.

Сега останува уште една опција за Њукасл, но и таа опција не е сигурна, иако во екот на почнатата купопродажба меѓу Ешли и Бин Салман со понуда од 350 милиони фунти во игра се уфрли американскиот магнат Хенри Морис. Засега нема ништо конкретно, иако е можен трансфер на власта кај популарните Чавки, чии навивачи очекуваат промена по 13-годишно владеење на Ешли.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести