Чавките може да му одлетаат на принцот Салман – Њукасл има резервна опција

Можен е шокантен пресврт во купопродажбата на Њукасл, што веќе беше најавена како сигурна работа, а популарните Чавки сепак имаат резервна варијанта ако принцот Мохамед бин Салман не успее да стане нов сопственик на премиерлигашот.

Резервна варијанта за Њукасл е Американецот Хенри Морис, кој е извршен директор на Clear TV media. Морис сè уште чека разврска на фудбалската сага во Њукасл за да испрати официјална понуда за купување на клубот, сè зависи од бордот што управува со Премиер лигата.

Неодамна саудискиот принц Мохамед бин Салман успеа да се договори со Мајк Ешли да го преземе клубот, а понудата од 300 милиони фунти беше прифатена.

Сепак, не оди сè толку мазно во целиот процес со примопредавањето на клубот, а кочница, и тоа голема, се реакциите на групите за човекови права и на Хатиџе Џенгиз, вереницата на убиениот новинар Џамал Хашоги.

Познатата оганизација „Амнести Интернешнл“ предупреди дека принцот ги крши правата на луѓето во својата земја, а се приклучи и Џенгиз, вереницата на Хашоги. Таа се обрати посебно до навивачите на Њукасл да сторат сè за принцот да не успее да ја заврши веќе најавената купопродажба на англискиот прволигаш.

Токму Бин Салман е осомничен дека вмешал прсти во убиството на Хашоги во 2018 година. Познатиот новинар беше мачен и убиен во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.

Сепак, принцот успеа да ја дотурка работата до последното ниво и сега чека зелено светло од Премиер лигата. Ако не успее и пропадне работата, во игра ќе влезе Морис, според информацијата што ја пренесе британскиот „Телеграф“.

- Оглас -

Најнови вести