Пелистер со победа сака да го прослави прволигашкиот кам-бек, Шкупи оди на хет-трик против Шкендија

Битола повторно е на прволигашката фудбалска мапа во Македонија, откако Пелистер по две години пауза се врати во елитата и ќе се обиде да има победнички старт во новото првенство.

Гостин денеска од 17.30 часот ќе им биде квалитетниот состав на Академија Пандев, засилен со неколку млади играчи и актуелни репрезентативци во различни категории.

Пред се тука е најголемата ѕвезда на преодниот рок и актуелен сениорски репрезентативец Марјан Радески. Со него во Струмица пристигнаа и Кире Маркоски, Кристијан Трапановски, Никола Серафимов… што на тимот чиј газда е Горан Пандев му дава поинаков лик и амбиции за атак на титулата.

Дербито на колото ќе се игра на Чаир во Скопје, меѓу Шкупи и Шкендија, во истиот термин од 17.30 часот. Тетовци ги имаат истите планови, да бидат шампиони, но ќе мораат да го прегрмат тешкото гостување на терен каде беа поразени во последните два обиди.

Скопје ќе има уште едно дерби денеска на стартот од сезоната, во Ѓорче Петров, каде Македонија му е домаќин на Работнички. И тука ќе биде интересно, а се очекува настап на поранешниот младински репрезентативец Фахрудин Ѓурѓевиќ за гостите, на теренот во Ѓорче Петров каде ги направи првите фудбалски чекори. Двете екипи се амбициозни и според квалитетот ќе бијат битка за горниот дел од табелата.

Двојки, прво коло, 17.30 часот: Пелистер – Академија Пандев, Шкупи – Шкендија, Македонија Ѓ.П. – Работнички, Ренова – Струга, Беласица – Силекс.

Вчера: Вардар -Борец 0:1.

 

- Оглас -

Најнови вести