Баерн Минхен е убедлив фаворит во полуфиналниот дуел против Лион во Лигата на шампионите. За германскиот првак ова е зицер позиција која мора да ја искористи за игра во ново финале, односно да обезбеди четврто учество во меч за пехарот од 2010 година па досега.
Сите очекуваат нова доминација на Баварците откако ја покажаа целата моќ против Барселона при незаборавните 8-2. Лавовите уште сега се отпишани, како што беа во сезоната 2009/10.
Во таа 2010 година Лион и Баерн Минхен првпат се сретнаа во рамките од полуфиналето на ЛШ, а двомечот целосно им припадна на Баварците со победите од 3-0 и 1-0. Само што тоа не им донесе многу среќа на Германците во финалната средба против Интер на Жозе Мурињо. Поразот од 0-2 по двата гола Диего Милито значеше дека нашиот Горан Пандев со Нераѕурите ќе биде европски владетел.
Сега наместо Интер, Пари Сен Жермен е тимот кој го чека противникот во финалето, а како што стојат работите, тоа треба да биде Баерн, ако се исклучи можноста за сензационално сценарио и триумф на Лион.
Инаку, од кобната 2010 година Баерн уште двапати се бореше за пехарот со големите уши. Загуби од Челзи во 2012 година, а веќе во 2013 година конечно успеа да ја дофати титулата која му избега среде Минхен една сезона претходно.