Промената на тренерот среде сезона се покажа дека е најпаметен потег кој можеше да го повлече Баерн Минхен. Со Нико Ковач не ги прикажуваа игрите кои од нив се очекуваа, а кога на клупата на Баварците седна Ханси Флик, Баерн се претвори во непобедлив тим кој ги победи сите кои му застанаа на патот, и тоа најчесто со убедливи резултати.
Хрватот Ковач по почетокот на оваа сезона, некаде во октомври, по првите киксови велеше дека Баерн нема играчи за тип на игра каква што игра Ливерпул на Клоп, со постојан пресинг, и сликовито раскажуваше: „Не можеме да возиме со 200 километри на час по автопат, ако нашиот автомобил може да постигне максимална брзина од 100 на час“.
Таа изјава скапо го чинеше, играчите не му простија, а се покажа дека биле во право. Тие не се лимитирани, само им требал тренер кој ќе го извлече максимумот од нив. Со Флик, Баерн е како незапирлива машина, иако ги има истите играчи. Тие сега не се крнтии кои одвај може да „возат“ со 100 километри на час, туку „летаат“ по теренот, постојано се максимално мотивирани. По отказот на Ковач, Баерн во ЛШ на седум меча има седум победи и гол-разлика 29-4.
Испадна дека баерновиот автомобил може да вози и 200 на час, само му бил потребен друг возач.