Азиската фудбалска федерација, АФЦ, одби да го одложи мечот меѓу Ал-Хилал и Ал-Ахли што ќе се игра вечерва, од 20 часот, во Ријад, Саудиска Арабија, иако домаќините имаат само осуммина играчи и голман што се пријавени во официјалниот записник за мечот.
Ал-Хилал имаше многу проблеми со корона-вирусот и остана само со вкупно 11-мина играчи за мечот со гостинот од Обединетите Арапски Емирати, а тројца од нив се голмани.
АФЦ не сакаше да го одложи мечот што е во рамките на азиската Лига на шампиони, па на мака ќе бидат домаќините и особено тренерот Разван Луческу.
Романецот на клупата на Ал-Хилал ќе мора да смисли тактика за настап со осуммина играчи во поле, голман и две резерви, и двајцата голмани.
За среќа на Ал-Хилал, мечот и не им е толку важен бидејќи се први во Б групата, па и со пораз вечерва во меч од последното коло, ќе се пласираат во следната фаза во Лигата на шампионите.
На Ал-Ахли му треба победа вечерва во Ријад, што според ситуацијата со 11-мина играчи против деветмина на домаќините и нема да им биде тешка мисија, но и Пахтакор да не го победи последнопласираниот Шахр.