Стоичков: Како можеше Бил Гејтс пред пет години да каже дека во 2020 ќе има пандемија?

Најголемиот бугарски фудбалер на сите времиња и „Златна топка“ во 1994 година, Христо Стоичков, кој сега работи за една телевизија во Мајами, во интервју за бугарски медиум, рече дека се сомнева околу вистината за коронавирусот.

„Треба да се има ред и дисциплина, да се слушаат докторите, професорите, доцентите. Во телевизијата во Мајами има над 3.000 вработени, и да чукнам во дрво, засега е добро. Ни прават тестови, јас пет пати се тестирав. На почетокот ми беше тешко, ни забранија да излегуваме од дома повеќе од 40 дена. Одев само до продавница. Работевме од дома. Првите месеци беа тешки. Не може човек како Бил Гејтс пред пет години да каже, дека во 2020 година ќе има голема пандемија. Тие луѓе знаат за што станува збор, подготвени се за пандемија. Никој не може да ме убеди во обратното. Гејт сега излегува и вели дека тешкиот период ќе заврши во 2021. Како може тој да знае, а да не знаат професори и специјалисти?“ – вели Стоичков.

Стоичков мисли дека не само фудбал, туку било кој спорт без публика е лош.

„Нека има макар 5 или 10 илјади луѓе, да се почувствува топлината од фановите, да има стимул за играчите кога ќе излезат на терен. Вака, без публика не е добро. Добро е ова во Германија, на секое трето седиште да има по еден човек“ – додава популарниот Кама.

Легендата на Барселона, го искоментира и поразот на Барса од Баерн од 2-8, како и трансфер политиката на Каталонците.

„Баерн беше најконстантен, покажа ментална стабилност, не ги интересираше дали има публика или нема. Резултатот 8-2 никој не го очекуваше, многу беше непријатно. При 1-1, Барселона имаше шанси, но Баерн кога поведе со 2-1, го прекршија мечот и Барса не беше достоен ривал. Баерн во секој поглед беше подобар, ако имаше уште време, ќе дадеа уште голови. Клубот потроши половина милијарда евра за Дембеле, Гриезман и Кутињо, а резултати нема. Нема соодветни замени за Пике, Жорди Алба или Ленгле. Не може да чекаш само на еден Лионел Меси да го решава секој меч“ – смета Стоичков, чиј фаворит за играч на годината е Роберт Левандовски.

„Франс фудбал направи голема грешка. Зошто годинава да нема Златна топка? Има ЛШ, има Лига Европа, има Златна копачка. Значи не сакаат да ја доделат наградата, наводно ќе штеделе. Што се играчите виновни што има пандемија? Ако Пари Сен Жермен станеше европски шампион, гарантирам дека ќе се доделуваше Златна топка. Гарантирам!“ – заклучува Стоичков.

- Оглас -

Најнови вести