Американецот Себастијан Корда кој е дебитант на Отвореното првенство на Франција во тенис, стигна до четвртото коло на „Ролан Гарос“, и во тоа осминафинале ќе ја има честа да игра против неговиот идол, Рафаел Надал.
„Имав мачка која ја крстив Рафа. Тоа доволно говори колку го сакам Надал“ – изјави Корда, кој би сакал да го изненади својот омилен тенисер, но знае дека за тоа ќе му треба чудо.
Надал оди по 13-тата титула во Париз, а 20-годишниот Корда е најсреќниот човек на светот што ќе има прилика да му се спротивстави на Шпанецот.
„Тој ми е идол и една од причините зошто играм тенис. Од него научив да имам менталитет дека никогаш не треба да се предадам. Најсреќен човек на светот сум што ќе играм против него“ – вели Корда кој е 213-ти на АТП листата.
Себастијан е син на Петр Корда, кој во 1998 го освои Австралијан опен, а во 1992 беше финалист на Ролан Гарос. Надал кога бил дете, го гледал Петр Корда на телевизија, и верува дека Себастијан има потенцијал да биде како татко му.
„Сум го гледал Петр Корда на телевизија, ова покажува колку сум стар, хахаха. Мило ми е што ќе играм со неговиот син, кој е силно младо момче кое има светла иднина. Се надевам дека против мене нема да го покаже целиот потенцијал“ – изјави Надал.