Усман Дембеле не се покажа во добро светло откако Роналд Куман ја презеде клупата на Каталонците, па затоа брзоногиот француски офанзивец врши дополнителни напори да ја добие довербата од холандскиот стратег.
Во првите денови кога Куман се појави на „Камп ноу“, Дембеле закрепнуваше од долга повреда и само што почна тренажен процес, а кога Холанѓанецот ги воспостави своите темели, Дембеле почна да прави проблеми. Неколкупати во еден месец задоцни на тренинг, иако првото и најстрого правило на Куман е секој играч да се појави во тренинг-комплексот еден час пред почетокот на тренингот.
Но, Дембеле одлучи да си ја спаси кариерата во Барселона откако во изминатиот преоден рок на двапати одби да оди на позајмица во Манчестер јунајтед. За време на репрезентативниот циклус, играчите кои немаат обврски добија четири дена одмор од Куман, но Дембеле сепак одлучи сам да тренира со цел да му се наметне на неговиот тренер.
Ќе се види дали ќе успее во оваа мисија за Дембеле конечно да може да ги оправдува средствата кои Каталонците ги потрошија за неговите услуги пред две години.