Американската антидопинг агенција соопшти дека Кристијан Колмен доби двегодишна суспензија поради кршење на антидопинг правилата за местото за живеење. Според прописите, професионалните спортисти треба да пријават место на живеење и локација на тренинг за да бидат секогаш достапни за ненадејни тестирања од антидопинг агенцијата.
Колмен во изминатава година дури трипати го променил местото на живеење и тренинг, што е недозволено, па затоа доби двегодишна суспензија. И минатата година спринтерот имал исти испади, па сега веќе не го толерираат. Суспензијата ќе му биде до 14 мај 2022 година, што значи дека американскиот спринтер ќе ги пропушти Летните олимписки игри во Токио следната година.
Колмен е актуелен светски првак на 100 метри откако триумфираше на Мундијалот во Доха, каде што освои злато и во штафетата 4 пати по 100 метри.