Лука Дончиќ уште еднаш потврди дека Далас маверикс направиле огромна работа кога го одбраа него на драфтот пред стартот на сезоната. Дебитантот е незадржлив, а тоа ноќеска најдобро го почувствува шампионот Голден Стејт. „Воините“ загубија на гостувањето кај Далас со 109:112 и тоа најмногу благодарение на расположениот Дончиќ.
Дебитантот постигна 24 поени, а имаше и девет скока, но што е најважно, топката беше кај него кога се решаваше мечот. Словенецот погоди за два поени на една минута дo крај, за водство на Далас од 109:108, а потоа во последните секунди имаше смирена рака и од линијата за слободни фрлања,па ги погоди двата „пенали“. Во НБА се восхитуваат од каде таква самодоверба и храброст на еден 19-годишен дебитант од Европа да ги решава мечевите.
„Ова истово го правев и додека играв за Реал Мадрид. Обожавам да го имам решавачкиот шут, но секако тука е малку поразлично. Ова е НБА, најсилната лига во свет“, рече херојот на домаќините, Дончиќ.
За Далас ова е само втора победа во последните 19 меѓусебни мечеви со Голден Стејт. Кај „воините“ го немаше Стеф Кари, а Кевин Дурант со 32 поени и Клеј Томпсон со 22 беа најефикасни во редовите на шампионот.
Резултати: Бруклин – ЛА Клиперс 119:127, Шарлот – Филаделфија 119:122 (прод.), Индијана – Атланта 97:88, Њу Орлеанс – Денвер 125:115, Орландо – ЛА Лејкерс 130:117, Бостон – Јута 86:98, Чикаго – Торонто 83:122, Хјустон – Сакраменто 132:122, Далас – Голден Стејт 112:109, Феникс – Оклахома 100:110.