Лудо дерби во Милано: Ибрахимовиќ исклучен, Интер со гол во 97-мата минута направи пресврт (Видео)

Интер се пласира во полуфиналето на Италијанскиот куп откако во драматичен меч со 2:1 го победи градскиот ривал Милан. Дербито ги исполнува сите очекувања. Имаше голови, исклучување, пенал, напнатост на теренот и на крајот погодокот во 97-мата минута беше решавачки за победа на Нераѕурите.

Милан добро го отвори мечот и поведе со голот на Златан Ибрахимовиќ. Тоа беше резултат од првото полувреме. Сепак, голот на Ибра не беше највозбудливиот дел од првите 45 минути. Пред крајот на полувремето Ибрахимовиќ и Ромелу Лукаку најпрво влегоа во вербална расправија, а потоа малку фалеше да има и физички конфликт. Двајцата играчи добија жолт картон, а останатите фудбалери едвај ги спречија голгетерите да не се степаат на теренот.

На почетокот на второто полувреме Ибрахимовиќ доби и втор жолт картон, па во 58-мата минута првата ѕвезда на Милан мораше да го напушти теренот поради црвен картон.

Интер ја искористи бројчаната предност на теренот и во 71-вата минута доби пенал, а Лукаку беше прецизен од белата точка за 1:1.

Нераѕурите беа многу поконкретни и во текот на целиот натпревар упатија дури 26 удари кон голот на Милан, од кои 14 беа во рамките на голот. Татарушану одлично бранеше и го чуваше ремито на Милан, но сè до 97-мата минута. Беше досуден слободен удар за Интер, а Кристијан Ериксен даде прекрасен погодок за 2:1 и победа на Интер.

Во полуфиналето Интер го очекува подобриот од утрешниот меч меѓу Јувентус и СПАЛ.

 

- Оглас -

Најнови вести