Српските гиганти Црвена ѕвезда и Партизан порано ги почнаа зимските подоготовки од македонските клубови, но и се пресилни и многу поквалитетни, па славеа убедливи победи во Анталија, против Академија Пандев и Силекс.
Партизан најави лош ден за македонските прволигаши и со двата гола на Асано и еден на Миловановиќ го победија Силекс со 3:0.
Кратовци имаа сили за отпор малку повеќе од еден час, но по голот на Јапонецот во 66-тата минута, падна темпото, па примија уште два гола.
И Академија Пандев одигра слично, се држеше солидно до 45-тата минута против Црвена ѕвезда, но Павков постигна водечки гол за некогашниот европски првак во финишот на првото полувреме.
Потоа сè беше во знакот на Црвена ѕвезда, чии играчи се поподготвени и поквалитетни, па со головите на Николиќ, Иваниќ и два на Фалчинели славеа убедливо против избраниците на Александар Васоски.