Ѕвездата нa Вулверхемптон, Раул Хименес, вели дека не се сеќава на моментот кога со Давид Луис ги судрија главите и се здоби со тешка повреда која го тргна од терените повеќе месеци.
Стравичната повреда се случи кон крајот на ноември минатата година, на гостувањето на Волците кај Арсенал, во кое Раул заврши на носилки и во болница по дуелот со бразилскиот стопер, по што мораше да му се изврши операција на главата за да се спречи крварењето.
„Тоа беше многу комплицирана ситуација. Сè ми е матно од тој момент, не се сеќавам што точно се случи, а прво нешто што паметам е кога се разбудив во болничкиот кревет по операцијата. Тешко ми беше и враќањето дома бидејќи немам дозвола многу да се движам, но, за среќа, девојка ми е покрај мене и многу ми помага“, истака мексиканскиот голгетер.
Се очекува Хименес до крајот на сезоната да се врати на терените, иако рехабилитацијата се одвива доста бавно.