Во еден од најатрактивните мечеви кои утревечер ќе се играат во рамките од петтото коло во Лигата на шампиони, Рома го пречекува Реал Мадрид. Актуелниот континентален владетел е фаворит, но италијанскиот калчолигаш верува дека може да ги израдува своите навивачи на „Олимпико“.
„Можеме да го победиме Реал Мадрид, но треба да играме како колектив и да го дадеме најдоброто од нас. Победа над Реал Мадрид ќе биде вистински лек за да излеземе од проблемите. Мора позитивно да размислуваме“, вели бекот на Рома, Александар Коларов.
По четири меча, Рома и Реал се на на првите две позиции во групата со по девет освоени бодови. На првиот меч во групата, Реал со 3-0 ја победи „римската волчица“.
Рома е во мала криза бидејќи во Серија А има само една победа на последните пет меча, а Коларов вели дека навивачите не смеат да критикуваат, туку да дадат поддршка бидејќи не знаат како е да се биде на теренот.
„Навивачите мора да разберат дека не знаат многу за фудбалот. Јас никогаш не сум си дозволил да коментирам тоа што го прави Новак Ѓоковиќ или да давам совети за тактиката. Сакам да гледам тенис и кошарка, но не знам ништо за тоа и не давам тактички совети“, додаде Коларов, кој едноставно ги искара сите оние навивачи кои обожаваат да бидат поголеми тренери и играчи, од оние кои се на теренот и на клупата.