Џамал Мусијала, 17-годишниот играч за врска, вчера се запиша во историјата на европскиот првак Баерн Минхен како најмлад стрелец во ЛШ во клупската историја. Талентот на Баварците учествуваше во убедливата гостинска победа од 4-1 над Лацио, а за помалку од 24 часа повторно се најде на насловните страници.
Имено, Мусијала денес потврди дека ја одбра Германија како земја која ќе ја претставува на фудбалските терени. Роден е во Штутгарт, но поголемиот дел од детството го помина на Островот и се развиваше во академиите на Саутхемптон и Челзи, па така добиваше повици за настап во младинските селекции на Англија до 15, 16, 17 и 21 години. Во меѓувреме запиша и два настапи за селекцијата до 16 години на Германија, по што одлучи да игра за Панцерите.
„Имам две срца, едното чука за Германија, другото за Англија. По долго размислување, мислам дека го направив вистинскиот избор да играм за Германија“, посочи Мусијала.
Иако уште е малолетен, Мусијала поседува огромен талент и добива доста шанси да го покаже на терените. Сезонава веќе има 16 настапи во Бундеслигата со три погодоци, а вчера го запиша и првиот гол во Лигата на шампионите во својот четврти настап. Несомнено, Баерн има нова ѕвезда во подем која допрва ќе ги покаже целиот потенцијал и квалитетот.