Вистински раритет носи првата осминафинална рунда во Лигата на шампионите. По вчерашните победи на Реал Мадрид и Манчестер сити на гостувањата кај Аталанта, односно Менхенгладбах, гостинските екипи остварија учинок 7/8 победи и речиси го осигурија пласманот во топ 8 фазата. Ова се случува првпат откако се игра според сегашниот формат во најсилното европско клупско натпреварување.
Заедно со Кралевите и Граѓаните, гостински победи претходно остварија Челзи, актуелниот европски првак Баерн Минхен, Борусија Дортмунд, Пари Сен Жермен и Ливерпул. Јувентус е единствениот тим кој загуби на гости кај Порто, меѓутоа резултатот од 2-1 со голот на гости оди во полза на Бјанконерите бидејќи еден погодок во реваншот би им бил доволен за пласман во четвртфиналето.
Резултати по првата рунда:
Аталанта 0-1 Реал Мадрид
Менхенгладбах 0-2 Манчестер сити
Атлетико Мадрид 0-1 Челзи
Лацио 1-4 Баерн Минхен
Порто 2-1 Јувентус
Севилја 2-3 Борусија Дортмунд
Барселона 1-4 ПСЖ
Лајпциг 0-2 Ливерпул
Овој учинок е особено значаен за англиските претставници. Имено, во историјата на ЛШ ниту една англиска екипа која славела на гости во првиот осминафинален дуел, не претрпела елиминација. Тоа значи дека Челзи, Манчестер сити и Ливерпул веќе може да кројат планови за наредната фаза.
Реванш-дуелите почнуваат од 9 март со Дортмунд – Севилја и Јувентус – Порто, а до 17 март ќе се знаат комплетните резултати од овосезонската осминафинална рунда во Лигата на шампионите.