Александар Качаниклиќ на таинствен начин пристигна на „Пољуд“ во редовите на Хајдук од шведски Хамарби и ги скара двата клуба, кои објавија различни информации за трансферот на 29-годишниот офанзивец, кој има потекло од Македонија.
Хајдук објави дека успеа да го доведе Качаниклиќ без отштета, односно бесплатно, а потоа од Хамарби демантираа и објавија дека сплитските Били платиле 750 илјади евра отштета за да го ангажираат поранешниот шведски репрезентативец.
Тоа предизивика бура од реакции во Хрватска со сомнежи дека има и нелегални работи околу трансферот на играчот што беше потенцијален македонски репрезентативец, но никогаш не заигра за нашата репрезентација.
Во неколку обиди на претходните раководства на Фудбалската федерација на Македонија се преговараше со Качаниклиќ да игра за Македонија, но тој ја одбра родната земја Шведска и има 21 настап со три постигнати гола за нив.
Еден од трите погодоци го постигна токму на дуелот против Македонија, на пријателскиот дуел во Малме во 2013 година, кога Шведска славеше победа од 1:0.
Качаниклиќ беше еден од големите таленти на европскиот фудбал, беше член на младинската Академија на Ливерпул, потоа играше за Фулам, Ватфорд и Барнли во Англија, па се пресели во Копенхаген, Нант и Хамарби, од каде што во контроверзен трансфер се пресели во Хајдук.