Македонската ракометна репрезентација денеска ги комплетираше подготовките за утрешниот меч против Данска, во квалификациите за пласман на Европското првенство. По две одиграни кола, Македонија и Данска се со максимални четири бода.
На овој меч, деби на селекторкското место ќе има Кирил Лазаров. Нашиот најдобар ракометар останува да биде и капитен, но сега освен од теренот, репрезентацијата ќе ја предводи и од клупата. Лазаров е оптимистички настроен, иако знае дека противник ќе ни биде актуелниот светски и олимписки првак.
„Мислам дека сме подготвени, имавме доволно време. На време и се комплетиравме и максимално го искористивме овој период. Можам да кажам дека сме подготвени. Мене и на играчите ни е чест што започнуваме ново поглавје на македонскиот ракомет и тоа против можеби најдобрата селекција на денешницата. Данска е актуелен светски и олимписки првак. Спортски е да се надеваме, ќе веруваме и ќе се бориме до крајот“, вели Лазаров.
Македонија ќе игра дома, во „Борис Трајковски“, но сепак тоа нема да биде некаква предност, ако се знае дека ќе се игра без публика.
„Јас сум играч на кого публиката му дава дополнителен импулс. Нашата публика е можеби најдобрата во Европа, а тоа многу пати досега било потврдено. Затоа, можам да кажам дека на нас повеќе ќе ни недостасува публиката, отколку да ни биде олеснување што ќе играме пред празни трибини“, додава Лазаров.