Турски Фенербахче му го раскина договорот на тренерот Ерол Булут. Објавено е дека до крајот на сезонава тимот ќе го води спортскиот директор Емре Белозоглу.
Фенер е трети на табелата во турската Суперлига после 30 кола, на два бода зад големиот ривал Галатасарај и на пет од лидерот Бешикташ. Тимот почна добро, но во втората полусезона ја губи трката за врвот, и има само две победи во последните пет кола.
„Билд“ кој е еден од најценетите спортски медиуми во Германија, објави дека нов тренер на Фенербахче може да биде актуелниот германски селектор Јоаким Лев. Лев најави дека после ЕП си заминува од селекторското место, па ќе биде слободен од следната сезона да работи на клупска сцена.
Популарниот Јоги веќе го има водено Фенербахче во сезоната 1998/1999, кога тимот го освои третото место во турската лига. Има шпекулации дека Лев почнал да учи шпански јазик и дека планира да прејде во некој шпански тим, а сега во игра влегува и истанбулскиот тим за кој игра некогашниот германски репрезентативец Месут Озил.