Лев: Одиме на победа против Македонија со речиси истиот тим

Јоаким Лев, селекторот на Германија, потврди дека сите играчи му се на располагање во пресрет на утрешниот дуел против Македонија, во кој речиси со истиот состав од мечот против Романија ќе напаѓа трета победа во квалификациите. Четирикратниот светски првак нè пречекува во Дуисбург, во првата историска средба на овие репрезентации.

Германскиот селектор како една од ретките измени ќе ги направи пред голот, на кој ќе застане Марк-Андре тер Штеген на местото од капитенот Мануел Нојер. Панцерите триумфираа минимално кај Романија со голот на Гнабри, кој делуваше како најистурен во офанзивната линија со Сане и Хаверц.

„Пред сè, треба да го добиеме натпреварот против Македонија. Јасно е дека ќе треба да го покажеме сиот наш квалитет, ништо нема да земеме здраво за готово. Македонската репрезентација има доста паметни играчи. Нема да ни биде лесно да ги освоиме трите бода, кои се наша цел за во добро светло да ги завршиме квалификациите. Сите играчи се здрави, вклучувајќи го и Госенс, а со речиси истиот состав како против Романија ќе се појавиме и во овој дуел, односно Тер Штеген ќе застане меѓу диреците“, истакна Лев.

Дуелот од третото квалификациско коло за СП 2022 е закажан за утре, во 20:45 часот.

- Оглас -

Најнови вести