Македонија Ѓорче Петров попладнево (13 часот) ќе го пречека тимот на Академија Пандев во првото полуфинале од Купот на Македонија. Лавовите посакуваат одмазда за поразот по пенал-рулетот во финалето од сезоната 2018/19, во кое Пандевци го освоија првиот трофеј во клупската историја како прволигаш.
Само пред три дена, тимот од Струмица гостуваше во скопското предградие и ја обезбеди првата гостиска победа против Македонија со конечни 2-1 и головите на Крстовски. Тоа е знак дека Академија Пандев може да се носи со Лавовите и покрај тоа што домаќините се подобро пласирани во домашното првенство.
Пред тој пораз, Македонија славеше во три и делеше бодови во два од вкупно пет меча против Пандевци како домаќини во натпревари од лигашки рамки.
Реванш-дуели нема оваа сезона, така што во Ѓорче Петров ќе се одредува првиот финалист, додека второто полуфинале меѓу Струга ТЛ и Силекс е закажано за утре.