Наполи го надигра Лацио со убедливи 5-2 и дојде само на три бода негатива зад второпласираниот Милан по 32 кола во Серија А. Гол-шоуто го отвори Лоренцо Инсиње со чудно досуден пенал, а Инсиње по десетти пат сезонава дава гол за 1-0 и со тоа е најдобар во лигата.
Наполитанците водеа и со 4-0, па гостите ја преполовија негативата, а победата од 5-2 ја запечати Осимен. Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас влезе во игра во 82-рата минута, кога семафорот на стадионот „Диего Марадона“ покажуваше 5-2.
Дрис Мертенс постигна погодок, негов 102-ри во Серија А во дресот на Наполи и со тоа се изедначи со Антонио Војак на првото место на вечната листа на стрелците на Наполи по бројот на голови во италијанското првенство. Војак е роден во хрватскиот град Пула во далечната 1904 година, а за Наполи играл во годините пред почетокот на Втората светска војна.
Инсиње, кој вечерва погоди двапати, е трети, а Марадона петти по број на голови на оваа листа.