Нант и Кире Лазаров загубија од ПСЖ со 28:31 во мечот за третото место на фајнал-фор турнирот од Лигата на шампионите кој се одигра во Келн.
Француската пресметка им припадна на Светците предводени од поранешниот селектор на Македонија, Раул Гонзалес, за кои бронзата е утеха откако беа изненадени од Алборг во вчерашното полуфинале.
ПСЖ со водството од 17:13 на полувремето ја контролираше средбата до некаде 50-тата минута, кога Нант се врати потполно во игра, но по израмнувањето од 24:24 Парижаните одговорија со пет погодоци и ја осигураа победата.
Лазаров со скромен еден погодок од три обиди, додека Соле Сала со осум гола го предводеше ПСЖ.
Финалето во кое ќе се одлучува за новиот европски првак меѓу Барселона и Алборг е закажано во 18 часот.