Атлетски клуб Делта: Дарио Ивановски ја има најуспешната сезона, селекторот користи невистини

Атлетскиот клуб Делта од Скопје, чиј член е атлетичарот Дарио Ивановски, смета дека кон Дарио е направена голема неправда што тој нема да биде учесник на Олимписките игри во Токио. Од Делта имаат големи забелешки за изјавите на селекторот Кристијан Кајчевски.

„Изјавата која беше дадена во медиумите не доликува на функцијата која ја врши Кајчевски, селектор на Атлетската федерација на Македонија, бидејќи најпрво нема потреба од деградација на нечија ‘неукост’, стручност, успех или неуспех, бидејќи поединечните резултати на атлетичарите и екипните резултати на клубовите се приказ на успесите и стручноста. Исто така поголем дел од неговата изјава е невистина.

Дарио Ивановски имаше фантастична сезона, во која ги подобри сите рекорди од 1.500 метри до 10.000 метри, па според ова, очигледно не се работи за стагнација, туку напротив, резултатски напредок, конкретно во дисциплината 1.500 метри тој го подобри својот резултат за три секунди. Но бидејќи во атлетиката од голема важност се медалите на меѓународните првенства и националните рекорди, статистиката говори дека Дарио годинава постави 7 нови национални рекорди во 5 дисциплини, стана балкански шампион во сала, европски првак за мали земји и бронзен балкански медалист на отворено, успеси кои македонската атлетика ги нема постигнато во последните 10 години кумулативно и сите треба да бидат горди на овие успеси бидејќи тоа се успеси на Македонија“, велат од Делта.

„Навистина не ни е јасна причината да се деградира успехот на Дарио и на Делта, кога фактите и резултатите го говорат спротивното, а резултатите во атлетиката претставуваат сè. Исто така, невкусно е нагласен терминот ‘Уличен тркач’, напишан со големи букви од страна на селекторот, терминолошки тоа е трчање на пат, бидејќи вака напишано се дава негативна конотација на тие дисциплини и оние кои настапуваат на нив.

Во однос на настапот на Олимписките игри, кога дознавме дека ќе настапува само еден атлетичар со покана, веднаш побаравме да ни се достави критериумот по кој ќе се избере тој атлетичар. Но откако не добивме одговор, поднесовме и официјално барање на e-mail до селекторот и УО на АФМ, но и на тоа не добивме одговор до денес.

Во однос на ваучерите, ние како клуб добивме најголем ваучер, меѓутоа голем дел од тоа што ни следуваше според реалните пријави, ни беше скратено бидејќи голем број клубови имале поднесено лажни апликации, а комисијата која ги прегледувала ги прифатила како такви, веднаш поднесовме барање за ревизија и повторна проверка на апликациите за ваучери, но и на тоа барање не добивме никаков одговор, ниту пак повторно апликациите беа разгледани. Фрапантен е податокот во кој ние како најдобар сениорски клуб, со половина репрезентативци од репрезентацијата на Македонија, со меѓународни медали, национални рекорди, добивме малку поголем ваучер од некои клубови кои имаат само еден или ниеден репрезентативец и не биле пласирани во првите 3 клуба на сениорски куп на Македонија“, заклучува претседателот на АК Делта, Александар Стојановски.

 

- Оглас -

Најнови вести