Челзи со 2-0 им го нанесе првиот пораз сезонава на шампионот Манчестер сити. На тој начин „сините“ ги одржаа во „живот“ своите шанси во борбата за шампионската титула, а воедно ги симнаа „граѓаните“ од врвот на табелата.
По мечот, Маурисио Сари ги истакна своите видувања за дербито, во кое италијанскиот стратег за прв пат го надмудри Гвардиола во својата тренерска кариера.
„Да, среќен сум за триумфот, но не поради тоа што конечно успеав да славам против Пеп Гвардиола. Среќен сум поради начинот на кој ги забележавме трите бода. Претходно ни недостасуваше мотивација и самодоверба, а во ваквите натпревари тие две карактеристики треба да ни бидат на највисоко ниво. Токму тоа и се случи, па сметам дека заслужено победивме. Посебно сум горд што ја победивме најдобрата екипа во Англија, а можеби и во Европа“, истакна Сари.