Моќната Данска без примен гол ѝ се приклучи на Германија на Мундијалот во Катар, мечот во Тирана е прекинат (Видео)

Данска ја победи Австрија со 1:0 со голот на Јоаким Мјеле во 53-тата минута и е втората репрезентација по Германија што сигурно ќе игра на Мундијалот во Катар.

Моќните Викинзи имаат 8 победи на 8 меча, и тоа без примен гол со 27 постигнати досега и се недостижни за ривалите во Ф групата.

Голем инцидент имаше во Тирана на дуелот меѓу Албанија и Полска. Полјаците постигнаа гол во финишот на мечот, па навивачите на Албанија ги гаѓаа гостинските фудбалери со тврди предмети и мечот беше прекинат, но сепак продолжи.

Полска победи со 1:0 и со 17 бода ја претрка Албанија на второто место во И групата. Изненадување приреди Унгарија со ремито 1:1 на „Вембли“ против Англија, на меч на кој гостинските навивачи приредија сериозен инцидент и се степаа со обезбедувањето и полицијата на стадионот.

Англија има 20 бода на врвот на табелата, пред Полска со три помалку, а во игра за настап на Мундијалот се и Албанците со 15 бода, додека Унгарија има само теоретски шанси да патува во Катар.

https://twitter.com/VBETnews/status/1448023006492733441?s=20

Нов лидер има во Б групата, каде што Шведска ја победи Грција со 2:0 и сега Швеѓаните се први на табелата со 15 бода од шест меча, два повеќе од Шпанија.

Убедливо славеше и Швајцарија против Литванија со 4:0, а неизвесно ќе биде и во таа група, каде што Италијанците и Швајцарците се израмнети на врвот со по 14 бода од шест натпревари.

Најубедливата победа вечерва ја забележа Португалија против Луксембург со 5:0, на меч на кој Роналдо постигна хет-трик и ја мина границата од 800 гола во кариерата.

Србија во истата А група го победи Азербејџан со 3:1 и остана во трка со Португалците за првото место и директен пласман на СП во Катар.

- Оглас -

Најнови вести