Кирил Лазаров е задоволен од изборот, селекцијата на Египет да ни биде противник во ЕХФ неделата на ракометот, иако желбата беше да се игра противг Шпанија.
На првиот собир пред пријателскиот меч против Фараоните, Лазаров вели дека ноемвриските дуели ќе бидат вистински тест пред настапот на Европското првенство што Македонија ја чека на почетокот на 2022 година.
„Сакав да играме против силна репрезентација и прв избор ни беше Шпанија. СЕпак тие имаа поинакви планови, но и Египет е реномирана селекција со светски успеси. Беа полуфиналисти на Летните олимписки игри и дуелите против нив ќе ни помогнат да видиме до каде сме. Како што најавив за секоја ЕХФ недела на ракометот ќе бараме силни ривали со цел што подобро да се подготвиме за настап на Европското првенство“, вели Лазаров.
Египет ќе пристигне во речиси најсилниот состав и дуели во ноември против африканскито ракометен гигант ќе бидат добредојдени за македонската ракометна селекција пред почетокот на ЕП.
Јубилејното 15-то Европско првенство ќе се игра од 13 до 30 јануари идната година, а организатори се Унгарија и Словачка.
Македонија е во А групата со Данска, Словенија и Црна Гора и сите натпревари во првата фаза ќе ги игра во Дебрецин, Унгарија.
Стартуваме со дуел против Словенија од 18 часот на 13. јануари, а потоа ќе играме со Црна Гора на 15. јануари во истиот термин и против Данска на 17. јануари од 20.30 часот.