Чави воведува пет нови правила, дел се од методите на Гвардиола кога Каталонците владееја во фудбалот

Чави веќе почна со работа во Барселона и уште од првиот ден воведува нови правила. Некогашната фудбалска легенда на Каталонците доаѓа на местото на Роналд Куман, кој доби отказ поради слабите резултати. Барселона веќе заостанува 11 бода зад лидерот Реал Сосиедад во шпанското првенство, а е и пред испаѓање од групната фаза во Лигата на шампионите.

„Можам да кажам дека ќе се откажам и од својот живот само овој проект да успее. Цел ми е да ѝ помгнам на Барселона повторно мирно да плови, навивачите да уживаат, а тимот да победува. Им благодарам на навивачите за поддршката, се надевам дека тоа ќе го оправдам со носење титули. Подготвен сум, сакам предизвици и затоа сум тука“, рече Чави.

Според шпанските медиуми, Чави веќе ги презел првите чекори и составил пет правила кои фудбалерите треба да ги почитуваат. Чави на играчите им порачал „Ако ги почитувате правилата, сè ќе биде добро.“

Првото правило е дека на играчите им се забранети приватните патувања за време на сезоната, а тоа посебно се однесува на искусниот Жарарт Пике. Второто правило е дека фудбалерите ќе поминуваат подолго време во тренинг-центарот. Чави сака играчите повеќе да се дружат, а не да остануваат само еден и пол час, колку што трае тренингот. Идејата е да се продолжи работниот ден, фудбалерите да имаат заеднички појадок и да се знае точно што јадат. Таков систем имаше воведено Пеп Гвардиола во времето кога каталонскиот гигант беше главен не само во Шпанија туку и на европско тло.

На играчите ќе им биде забрането да имаат и приватни тренинзи и никој нема да смее да го коментира стилот на играта. Последното правило е сите играчи да внимаваат што пишуваат и што објавуваат на социјалните мрежи.

Чави на првите тренинзи во Барселона ги нема главните фудбалери кои се дел од националните селекции. Дебито на тренерската клупа на Барселона, Чави ќе го има во градското дерби против Еспањол.

 

- Оглас -

Најнови вести