Финансиската полиција ги претресува клупските простории на Јувентус, а под истрага се трансакции во периодот 2019-2021 година.
Станува збор за сума од речиси 50 милиони евра. За лажирање на трансакции (издавање сметки за непостоечки трансакции) и финансиски извештаи, осомничени се шест челни лица на клубот од Торино, меѓу нив и претседателот Андреа Ањели и потпретседателот Павел Недвед.
Аферата „Призма“ е најголема во италијанскиот фудбал од Калчополи во 2006 година. Јуве вредноста на играчите ја пријавувал многу поголема од реалната, и со тоа оствариле капитална добивка, за да ги доведат во ред бројките во сметководството.
Пумпањето на цената на фудбалерите била забележана со случајот на Миралем Пјаниќ кој замина во Барселона, во замена за Артур Мело. Старата дама пријавила дека Пјаниќ е продаден за 60 милиони евра. Дури 42 трансфери на играчи на Јувентус се под истрага.
Во 2018 година, за сличен прекршок, на Киево му беа одземени три бода, иако обвинителството бараше одземање на дури 15 бодови. Сепак, во случајот со Јуве, поголеми се шансите казната да биде парична, и да има суспензија на челниците на клубот кои ги правеле овие матни работи.