Саутемптон е тимот кој стави крај на серијата без пораз на Арсенал. Домаќините на „Сент Мери“ победија со 3:2 и му го нанесоа првиот пораз на лондонскиот тим по пауза од четири месеци. Да биде победата уште позначајна, Саутемптон беше во очајна низа и цели 14 меча во сите натпреварувања не знаеше за победа во меч од 90 минути.
Дека се подготвува изненадување домаќините најавија со погодокот на Ингс во 20 минута. Арсенал израмни преку Мхитарјан, а Инкс повторно донесе водство за Саутемптон во 44 минута. „Топчиите“ втор пат израмнија, овојпат во 53 минута и повторно погоди Мхитарјан. Кога се очекуваше Арсенал да направи целосен пресврт, во игра влезе Чарли Остин за домаќините и тоа на местото на двократниот стрелец.
Остин по само 14 минути поминати на теренот погоди за 3:2. Интересно е што за Остин ова беше петти погодок против Арсенал.
За разлика од Арсенал, Челзи не дозволи изненадување и победи на гости кај Брајтон со 2:1. Педро и Азар погодија уште во првото полувреме и најавија дека трите бода ќе заминат заедно со тимот од „Стемфорд Бриџ“.