Манчестер јунајтед ја игра најлошата сезона во последните 28 години. Од 1990 година, клубот немал толку лош биланс по 17 одиграни средби. „Црвените ѓаволи“ синоќа беа немоќни на теренот на „Енфилд роуд“ и сосема заслужено го загубија дербито против најголемиот ривал Ливерпул (3-1).
Многумина како главен виновник за неуспесите на тимот го посочуваат Жозе Мурињо. Тренерот на Манчестер вчера направи експеримент со составот, а тоа се покажа како погубно. „Црвените ѓаволи“ заостануваат дури 19 бода зад лидерот Ливерпул, а стратегот на најтрофејниот клуб зборува дека до крајот на шампионатот главен приоритет ќе биде да се освои четвртото место на табелата, кое е последно што води во Лигата на шампионите.
Сепак, и тоа четврто место е далеку бидејќи Челзи има дури 11 бода повеќе. Интересно е дека Мурињо сега ќе се фокусира да го стигне неговиот поранешен клуб Челзи. Последниот работен ден на Мурињо како предводник на лондонскиот тим беше 17-ти декември 2015 година, кога доби отказ.
Денеска е 17-ти декември…многу навивачи на Манчестер сигурно ќе бидат среќни ако на Мурињо му се повтори историјата од Челзи, но дали така мислат и челниците на гигантот од „Олд Трафорд“, останува да видиме.