Чави Ернандес имаше интересна констатација за играта и фудбалерите на Барселона и изјави дека дел од играчите имаат проблем при поставувањето на теренот и во текот на натпреварите.
Тоа е исклучително чудно за клубот што ја промовираше познатата Тики-така филозофија на игра со куси пасови, со која Барселона доминираше во Шпанија, па и во Европа, токму во ерата на Чави, Иниеста и Меси.
„Имаме неколку фудбалери што имаат потешкотии со позиционирање во текот на натпреварите. Тоа е многу важно во фудбалската игра, а Барселона некогаш го правеше беспрекорно и освојуваше титули со беспрекорна транзиција и позиционирање на терен. Но, тоа е што е и ќе се обидеме да го корегираме во продолжение од првенството“, рече Чави.
Новиот тренер на Барса има многу проблеми на почетокот на мандатот. Клубот по 20 години за првпат испадна во стартната фаза по групи во Лигата на шампионите, а не стои добро ниту на табелата во Ла Лига.
Барселона моментно по 16 одиграни натпревари е на осмото место со 24 бода.