Арсенал со конечни 3-1 беше подобар од незгодниот Барнли. Во мечот кој се одигра во рамките од 18. коло во Премиер лигата, избраниците на Унаи Емери направија нешто што досега не им успеваше сезонава. Арсенал за првпат имаше предност на полувреме на еден првенствен меч во Премиер лигата.
Обамејанг го скрши тоа проклетство со својот 11-ти погодок во шампионатот, а се играше 14-тата минута. Непосредно по почетокот на вториот дел, Габонецот одново ја затресе мрежата на Харт, а овој гол го однесе на врвот на листата на стрелци во англиското првенство, со еден гол повеќе пред Мохамед Салах кој има 11.
Гостите успеаја да намалат на 2-1 преку Барнс во 63-тата минута, а сите дилеми на „Емирати“ ги реши Ивоби во првата минута од судиското надополнување.
Арсенал останува на петтото место, но се израмни со Челзи по бројот на бодови (37), додека „сините“ во 16 часот играат против Лестер. Барнли и натаму се наоѓа во зоната за испаѓање со 12 бода, а денес го забележа 12-от пораз сезонава.