Победа во утрешниот меч против Грузија во салата „Борис Трајковски“, може да биде голем чекор за македонската кошаркарска репрезентација кон пласман во следната фаза од квалификациите за Светско првенство.
За разлика од гостувањето во Тбилиси, каде нашите беа надиграни и убедливо поразени, сега на своја страна ќе го имаат домашниот терен, публиката, но и составот ќе биде посилен. Денеска тренираа плејмејкерите Ненад Димитријевиќ и Андреј Магдевски, и тоа е одличен сигнал.
Селекторот Драган Бајиќ и понатаму е позитивен на Ковид-19, па нема да може да го води тимот, и таа улога повторно ќе му припадне на неговиот асистент Александар Јончевски.
„При анализата на натпреварот во Тбилиси, забележавме многу работи кои можеме да ги поправиме. Работевме на моментот да ги запреме нивните најдобри играчи Мекфејден и Шермадини, таму не успеавме, ќе се обидеме тоа да го направиме во Скопје“ – изјави Јончевски.
Веројатно до пред почетокот на натпреварот нема да бидат познати 12-те кошаркари кои утревечер (пренос на Спорт Клуб 3) од 20 часот ќе се обидат да дојдат до првата победа во квалификациите.
„Имавме најави дека утре натпревар ќе се вратат неколку важни репрезентативци како Димитријевиќ, Мекиќ, Ѓуроски… но освен Димитријевиќ кој е присутен на тренинзите, се уште не можеме да сметаме на останатите. Мислам дека шансите за трето место не се загубени, со подобра игра од онаа во четвртокот, и со триумф дома против Украина во јуни, можеме да се надеваме на пласман во следната фаза од квалификациите“ – додава Јончевски.