Германскиот фудбалер Џулијан Дракслер може да се нарече најголем малер во Лигата на шампионите во последните години бидејќи често му се случува неговиот тим да испадне по убава предност.
Црната серија за Дракслер почна во 2016 година, кога беше играч на Волфсбург. Тогаш го шокираа Реал Мадрид со 2-0 во првиот меч, но реваншот во Мадрид го загубија со 0-3.
Следната година Дракслер се пресели во ПСЖ, со кој ја потопи Барселона со 4-0 на првиот дуел, но реваншот на „Камп ноу“ уште долго ќе се памети, Каталонците победија со 6-1.
Во 2019 година, ПСЖ на Дракслер како гостин славеше против Манчестер јунајтед со 2-0, но на реваншот во Париз, Црвените ѓаволи победија со 3-1.
Капакот е годинава, кога ПСЖ со 1-0 го победи Реал Мадрид во Париз, водеше со 1-0 во Мадрид по првото полувреме, но следуваше нов историски пресврт во кој жртва беше тим на Дракслер.